Пендаровски утре ќе му врачи мандат за состав на нова влада на Заев
Претседателот Стево Пендаровски утре напладне на лидерот на СДСМ, Зоран Заев ќе го додели мандатот за состав на нова влада. Талат Џафери и ВМРО-ДПМНЕ со став дека Собранието не е конституирано …

Претседателот Пендаровски утре напладне мандатот за состав на новата влада ќе му го довери на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Заев во име на коалицијата „Можеме“, којашто има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информирал претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на владата, соопштија од Кабинетот на шефот на државата.
Џафери како претседавач, сè уште не го известил Претседателот дека Парламентот е конституиран, бидејќи конститутивната седница не е затворена и не е избран претседател на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека оставаат што ќе се случува и како ќе се развива текот на преговорите за парламентарно мнозинство. Од партијата сметаат дека Собранието не е конституирано.
„Имаме некомплетно конституирано Собрание без избран претседател, кој е дел од политички договор. Во овој момент не е комплетно конституирано македонското Собрание“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев ќе биде мандатар за состав на новата Влада која ќе ја води државата напред во следните четири години, велат од партијата. Од таму потенцираат дека во тек се сериозни разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и владина коалиција со полн, четиригодишен, стабилен мандат. Успешните политики на СДСМ и Владата која ја предводи, се потврдија и на последните парламентарни избори.
„Граѓаните го одбраа концептот кој ја води државата напред, концептот кој ги враќа парите назад кај граѓаните кои со своето избирачко право потврдија дека сакаат да продолжат по тој пат, кон градење на нова развојна економија, која креира нови работни места и создава шанса за секој“, соопштуваат од СДСМ.
Лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Села и Гаши, ја одбија поканата на Ахмети за средба на лидерите на албанските партии закажана за утре. Бараат средбата да биде на друг датум, по 17 август, со прецизирана агендата на средба.
„Во функција на содржината и плодна средба, би било убаво поканата да има друг предлог за дневен ред, за да можеме да имаме појасна причина за организирање на средбата на албанските парламентарни партии. Во оваа смисла, разгледајте ја можноста за друг датум, почнувајќи од понеделник, 17 август па натаму, секако со тоа што ќе известите неколку дена порано за агендата“, стои во заедничкото соопштение на Села и Гаши.
МТВ се обиде да добие став и од БЕСА и ДПА, но од таму не добивме одговор дали ја прифаќаат поканата на Ахмети. ДУИ предложи дневен ред за утрешниот состанок којшто може да биде дополнет и изменет со предлози од сите учесници за време на заедничката средба, велат од партијата. Демократската унија за интеграција останува достапна и отворена за натамошни средби во текот на следната недела или на кој било иден датум за кој заеднички ќе се договориме, соопштија од партијата на Ахмети.
Милчо Велески
