Пивоваров: Да не се злоупотребуваат двојните државјанства
На територија на нашата држава граѓаните со двојно државјанство не можат да ги уживаат правата од државјанството кое го имаат од друга држава, смета Националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров. За жал тоа се прави години наназад, а властите не ги санкционираат овие случаи што е недозволиво, особено во време на пандемија, вели за МТВ Пивоваров...

Летот за Турку ѝ нанесе големи штети на земјава во однос на пандемијата. Иако сите потребни мерки и контроли биле извршени сепак, поради одредени слабости се случи странски државјани да стават негативни поени на пандемиското конто на земјава. Недостига поврзаноста на институциите која на граничниот премин ќе ги даде дури и здравствените податоци за патникот, вели за МТВ, националниот координатор за гранично управување, Владмир Пивоваров. Но, за скоро и тоа ќе се воведе.
Порачува - многу значајно е да не се злоупотребуваат двојните државјанства. Властите во земјава не ги санкционираа граѓаните кои ги прекршуваа законските одредби. Оние кои после три месеци престој во земјава ќе одлучат да ја напуштат, мора да ја наведат новата адреса кадешто ќе престојуваат во пријавно- одјавниот формулар, без разлика што имаат двојно државјанство. Причината е едноставна- сите тие лица уживаат одредени права, но и обврски во земјава. На територија на нашата држава тие не може да ги уживаат правата од државјанството кое го имаат од другата држава. За жал тоа се прави години наназад, а властите не ги санкционираат. Тоа е недозволиво, смета Пивоваров особено во време на пандемија.
Летот од Скопје за Турку во кој од 157 патници, 24 беа позитивни на ковид- 19 ги смени протоколите во двете држави. Од сите патници само двајца беа македонски државјани и не се знае дали се меѓу позитивните. Здравствените власти информираа дека допрва ќе се анализира колкумина од нив биле со двојно државјанство.
Фиљана Кока
