Уметнички дела за медицинските сестри од Инфективното одделение во Охрид

12.08.2020 15:32

Светски познатиот уметник со македонско потекло Мајкл Клос, кој живее во Канада подари дваесеттина уметнички дела за медицинските сестри од Инфективното одделение при Општата болница во Охрид. На тој начин им одаде признание за нивната пожртвуваност во справувањето со коронавирусот во изминатите неколку месеци.

Дека хуманоста нема граници денеска по којзнае кој пат покажа светски познатиот ликовен уметник со македонско потекло, Мајкл Клос од Торонто. Во знак на признание за македонското здравство во битката со коронавирусот преку дарот „Платно за министерот Венко Филипче“, тој подари и 20 цртежи за сите медицински сестри од Инфективното одделение при општата болница во Охрид. Подароците имаат уште поголемо значење бидеќи дојдоа во 2020-та која е прогласена за година на сестринството.

„Медицинските сестри се хероите кои застанаа во првите борбени линии со пандемијата, со КОВИД-19 заедно со другите здравствени работници при тоа не штедејќи се себе си , жртвуваќи ги своите фамилии, работеќи со многу љубов, грижа, неприфаќајќи и недавајќи никакви изговори“, вели Анета Волканоска- главна медицинска сестра.

„Ова е една мала благодарност и од мое име јас сум горд на она што го направи оваа болница сите овие 5-6 месеци, посебно инфективното одделение, посебно сестрите од целата болница кои самостојно ова време се бореа со целата пандемија“, изјави Горан Балевски- директор на Општа болница – Охрид.

Ова не е прв пат Мајкл Клос да донира. Тој и досега во повеќе наврати покажувал дека родната земја секогаш му е во мислите.

„Тоа ние го доживуваме како прекуокеанска подадена рака од еден хуманист кој што често донира и од овој ден , од овој момент ние сме на некој начин , нескромно кажано како Охрид на нивото на она што Мајкл Клос го направи во Рим, односно Ватикан кога подаруваше слики за Мајка Тереза“, изјави Веле Митаноски- организатор на настанот.

Од здружението „Мацково“ кое беше организатор на настанот посочија дека оваа донација е всушност признание за сите здравствени работници во земјава, кои со својата пожртвуваност се грижат за здравјето на македонските граѓани.

 

Сашо Нелоски