Адеми: Консултациите продолжуваат, потребни се законски измени

12.08.2020 15:43

Дваесетина дена пред почетокот на училишната година, надлежните се уште немаат решено докрај кој модел ќе се спроведе. Од ресорното министрество бараат учениците да се вратат во училишните клупи, некои струки едноставно не може да се учат во домашни услови. Комисијата за заразни болести бара дополнителни објаснувања од министерството. Во регионот, владите оценуваат децата не можат да бидат изгубена генерација.

Нашиот став е јасен – за квалитетна настава, нема замена за физичкото присуство, вели министерот Адеми. Посочи дека се разговарало и за модел со комбинирана настава и за онлајн учење, но и за следење на епидемиолошката состојба. Не ја исклучува можноста накратко да биде одложен почетокот на учебната година, поради, потребни законски измени, кои веќе биле подготвени од Министерството за образование и наука. Нивното усвојување е во надлежност на Собранието.

Засега нема одлука по состанокот на Комисијата за заразни болесати. Тие бараат дополнителни објаснувања од ресорното министерство за моделот на наставата.

„Од страна на Комисијата за заразни болести беше побарано од МОН да достави податоци за сите училишта во сите општини во Северна Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство“, соопштија од Комисијата за заразни болести.

Комисијата побара и доработување на протоколите од Министерството за труд и социјална политика за градинките. За физичко присуство на учениците на наставата, барања упатуваат и родители од иницијатива за учебната 2020-2021, според кои направена е анкета во која мнозинството се изјаснило за образование во училилиште. Велат дека во повеќе западни европски земји како што се Норвешка, Гермаија, Данска, Австрија , Холандија, наставата се одвива во училишните клупи.

Што се однесува до земјите во регионот, во Хрватска се разгледуваат три сценарија, но најизвесно е отворање на училиштата на седми септември со придржување до заштитните мерки. Наставата ќе се организира така што да има малку движење и да има доволно време меѓу смените за да се дезинфицираат просториите, изјави ресорниот министер. И Словенија се подготвува за отворање на училиштата, но како опција се резервни сценарија. Србија вчера објави дека за учениците од прво до четврто, наставата ќе се одвива во училиштата со скратени часови и сите заштитни мерки. За останатите ќе се применува комбинирана настава.

 

Наташа Гркова- Петрушевска