Најмалку две жртви во експлозија на Менхетен

12.03.2014 18:31

Најмалку две жртви во силната експлозија што се случи рано изутринава во Њујорк. Во експлозијата разурната е една зграда во која имало станови и канцеларии. Повредени се најмалку 18 луѓе. Официјалните лица сметаат дека причината е истекување на гас

Две жени изутринава загинаа во експлозија во Источен Харлем на Менхетен во Њујорк. Разурнати се две згради, од кои една петокатница целосно е срамнета со земја. Две згради во околината биле зафатени од пожар.
 
Пожарникарите се уште работат на расчистување и спасување на луѓето коишто се заробени во урнатините. Засега бројката на повредени е 18 лица. Новиот градоначалник на Њујорк, Бил Де Бласио соопшти дека 15 минути пред експлозијата компанијата за одржување на инсталациите со гас добила известување за дефект, но не стигнала на време да ја спречи експлозијата.
 
Во Њујорк е отворена бесплатна телефонска линија, на која роднините и пријателите ќе можат да дознаат повеќе информации за нивните блиски. Градските власти во Њујорк побараа од градежни компании да донесат кранови на местото на експлозијата за да се расчистат урнатините од срушената зграда.
 
Во зградите што се уништени во експлозијата имало канцеларии и станови, а многу семејства коишто живееле во целосно урнатата зграда останаа без покрив на главата.
 
Ирина Гелевска, постојан дописник за МРТ од Вашингтон