Куманово: Училиштата се подготвуваат за новата учебна година

13.08.2020 16:50

Основните и средните училишта од Куманово се подготвуваат за новата учебна година. Набавени се средства за дезинфекција, маски, мерачи за температура. Училишни тимови веќе ги изработуваат протоколите за физичко присуство на учениците, но ќе се реализираат и обуки за настава од далечина.

Кумановските училишта интензивно се подготвуваат за почетокот на новата учебна година. Училишни тимови изработуваат планови и протоколи за физичко присуство на учениците, но и за моделот кој предвидува онлајн настава. Надлежните од основните и средните училишта информираат дека веќе набавиле средства за дезинфекција. Согласно протоколот учениците ќе носат маски, на влезот ќе им се мери температура и ќе се дезинфицираат. Тие ќе влегуваат и излегуваат од различни влезови на училиштето, одржувајќи дистанца, а нивното движење ќе го набљудуваат училишни редари.

„Верувам дека ќе се остави простор од министерството што и да понудат училиштата сами, со добро подготвени планови, протоколи за постапување, изложени на видни места да се справат со оваа ситуација. Сите сме луѓе внимаваме на своето здравје, како и на ученици. Пред се треба да биде запазена безбедноста на сите, децата, вработените и на родителите па што ќе биде реализирано, најважно е здравјето“-  посочи Лидија Костиќ, директор ОУ „Христијан Карпош“.

Подготовките за новата учебна година се во тек и во средното училиште „Перо Наков“. И ова училиште ги чека насоките за начинот на изведување на наставата.

„Станува збор за средношколци кои надвор од училиштето и не се толку одговорни, сепак со наша помош од родителите се надеваме дека ќе бидат поодговорни, но сепак не можеме да предвидиме така што што е до нас ќе обезбедиме  максимално средства за дезинфекција и се она што е потребно согласно протоколот, редари кои ќе се грижат за почитување на протоколот“- истакна Мила Жибак Димковска, директор СОУ „Перо Наков“ Куманово.

Од кумановските училишта нагласуваат дека за време на паузите ќе биде забрането групирање на учениците. На крајот на денот ќе се врши и дезинфекција на просторот.

 

Елена Георгиевска