Корона- кризата го намали трансферот на пари од странство

13.08.2020 17:00

Печалбарите годинава не дојдоа во својот роден крај. Згора на сѐ намален е и трансферот на пари од странство. Одредени статистики говорат дека 20 % од БДП беше резултат од приливот на печалбарите, особено кога доаѓаа во родните места и трошеа. Годинава поради корона кризата сликата е целосно сменета...

Во споредба со лани над 70 % е намален брзиот трансфер на пари од странство во Македонија, говорат податоците на фирмите кои се занимаваат со оваа дејност. Голем дел од семејствата од полошко преживуваа со парите кои им ги праќаа печалбарите. Но, сега и нашите во странство се плашат за својата егзистенција.

Поради неизвесноста ги штедат парите и ретко кој прави трансфер, иако провизијата за овој начин на исплата е намалена поради пандемијата. И менувачниците кои се занимаваат со трансфер на пари со исти податоци.

Менувачниците во време на пандемија се соочуваат со дополнителен проблем. Преку брз трансфер на пари законски може да се праќаат само долари и евра, но други валути не. Со другите валути работевме кога ќе дојдат печалбарите, но сега нив ги нема, а нашите загуби се огромни, велат од тетовските менувачници.

Во ова време од годината секој втор автомобил беше со странска таблица. Сега ретко може да се забележи возило од странство. Нијази Шерифи од тетовско Камењане годинава нема да го види својот син кој е на печалба. Без гастрабјетери, селата, но и градовите се мртви, вели Шабани.

Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека последиците ќе бидат уште поголеми, ако знаеме дека и тие мал број на млади кои се останати да живеат во полошко за време на летниот период одат на привремена работа во странство, но годинава се останати дома. 

Одредени статистики говорат дека 20 % од БДП се полни од приливот на печалбарите кои трошат пари во сите сектори, пред сѐ во угостителството, трговијата и туризмот, но годинава овие гранки без нив се пред целосен колапс.

Зоран Димовски