Економија

Ништо од „Викенд без ДДВ“ во август

13.08.2020 17:06

Ништо од најавениот викенд без ДДВ во август, што Владата го најави пред некој месец како антикризна мерка. Од финансии МТВ објаснуваат дека за да се реализира, треба да се измени законот што ќе го изгласа Собранието. Мерката на стопанството би му донела дополнителен приход од 20 милиони евра, за што ќе се почека додека земјава добие функциониални институции...

Граѓаните месецов по сè изгледа нема да добијат летно освежување во форма на викенд без ДДВ. Најавена уште во мај, мерката од третиот економски пакет е далеку од реализација, иако измина речиси половина од август. Земјава е во очекување на составување на новата Влада, како и без целосно оперативно Собрание за да се донесат потребните измени на Законот за ДДВ, по што би се преминало кон спроведување на потребните прилагодувања во пракса, преку подесување на фискалните каси.

Мерката треба да важи само за оние кои скенираат фискални.

Владата смета дека преку оваа мерка ќе се дојде до пониски цени, со што ќе се поттикне потрошувачката и ќе се генерира раст во одредени продажни сектори. Оттаму уверуваа  оти нема да се дозволи фирмите токму тој викенд да пријават промет што го направиле претходно.

„Само продуктите кои тој ден, само тој ден ќе се продадат и за коишто ќе има фискална сметка влегуваат во овој пакет на викенд без ДДВ“, изјави Фатмир Битиќи, советник на премиерот.

Владата пресмета дека мерката ќе значи дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство.

Мартин Пушевски