Струшките вечери на поезијата ќе се одржат и во услови на пандемија

14.08.2020 12:38

Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, заради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видео читања...

„Струшки вечери на поезијата“ како еден од најстарите и најзначајните светски поетски фестивали ќе се одржи и оваа година, во вообичаениот термин, на крајот на август и во услови на пандемија. Во фазата на подготовките на фестивалот беа разработени неколку можни сценарија за одржување на СВП, во зависност од развојот на ситуацијата со КОВИД-19.

Сегашните околности дозволуваат да се организира фестивал со физичко присуство на домашните поети, а поканетите учесници од странство, заради рестрикциите во однос на патувањата и авионските летови, но и заради минимизирање на ризикот од ширење на вирусот, ќе бидат претставени преку видео читања, кои ќе бидат составен дел од програмата на фестивалот.

Специјално видео обраќање како и видео читање, подготви и годинешниот лауреат на СВП, израелскиот поет Амир Ор, кој ќе биде специјален гостин на наредното, јубилејно 60. издание на СВП во 2021 година, кога и ќе му биде врачен Златниот венец, заедно со лауреатот за 2021 година.

Програмата на фестивалот ќе се одвива во редуцирана форма во периодот од 28 до 30 август, но ќе ги задржи препознатливите програмски содржини на фестивалот. Повеќе од 30 домашни и странски поети од постарата но и од помладата генерација ќе учествуваат на фестивалот на главните фестивалски читања. Дел од програмата ќе бидат и петте кандидати од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ која што ќе биде доделена и оваа година за најдобра поетска збирка помеѓу две изданија на СВП, а ќе бидат застапени и слем поети од земјава и од странство.