Продолжуваат протестите во Белорусија, демонстрантите не се откажуваат од барањата
Продолжуваат протестите против власта во Белорусија. ЕУ го осудува насилството, а министерот за внатрешни работи им се извини на граѓаните. Москва го обвини западот за вмешаност во настаните во Белорусија.

Продолжуваат протестите против власта во Белорусија. Демонстрантите не се откажуваат од барањата, сметаат дека Лукашенко е нелегално избран по 6-ти пат за претседател. Илјадници демонстранти, формирајќи синџир од луѓе носеа транспаренти со натписи за промена, бели знамиња и цвеќе по улиците на Минск. Протестираа против бруталноста на полицијата, која употреби водени топови, шок бомби, гумени куршуми и солзавец. Од почетокот на протестите, две лица се убиени, а над 7.000 се уапсени. Белоруските власти синоќа ослободиле околу 1.000 уапсени демонстранти.
„Не знам зошто полицијата го запре мојот автомобил со вперена пушка. Потоа со навреди не легнаа на земја, ни ги врзаа рацете наназад и не приведоа“, изјави Павел Дарошка-приведен демонстрант.
ЕУ го осуди насилството, министерот за внатрешни работи на земјата им се извини на граѓаните.
„Не негирам дека понекогаш погрешно се применува сила. За жал, при масовни тепачки и при потиснување на групи се применува сила и на луѓето во околината. За повредите на овие луѓе како командант преземам одговорност и им се извинувам“, изјави Јури Карајев-министер за внатрешни работи.
Москва, пак, обвини дека западот е вмешан во настаните во Белорусија.
„Загрижени сме за настаните во Белорусија по изборот на претседателот Лукашенко. Сведоци сме на притисок од странски држави врз властите во Белорусија. Постојат јасни намери за мешање во внатрешните работи на Белорусија. Се надеваме дека ситуацијата наскоро ќе се стабилизира“, изјави Марија Захарова- портпарол на руското МНР.
Литванија најави дека ќе им дава азил на граѓаните на Белорусија кои се гонат во нивната земја заради протестите. Заедно со Латвија и Полска ќе бидат медијатори за разрешување на ситуацијата во Белорусија. Можно е Брисел да воведе санкции против Белорусија.
Ирина Гелевска
