Постигнат договор за владина коалиција
Постигнат коалициски договор меѓу СДСМ и ДУИ. Ќе има промени во изборниот модел и пред локалните избори во наредната година, а ќе се укине и Пржинската влада. Мораме да работиме за доброто на граѓаните, рекоа по средбата, Заев и Ахмети. Има договор и за роковите за премиер. Од утре почнуваат партиските состаноци за распределба на позициите во Владата- најави лидерот на СДСМ, Заев.

Постигнат е договор меѓу СДСМ и ДУИ за формирање на коалициска влада. Премиер ќе биде Зоран Заев, а претседател на Собранието повторно ќе биде Талат Џафери.
По двочасовната средба во клубот на пратениците, заев истакна дека ќе се направат законски измени за укинување на Пржинската влада. До локалните избори наредната година, ќе се менува и Изборниот законик. Технички премиер ќе нема, а во последните 100 дена, ќе биде именуван нов премиер по предлог на ДУИ, рече Заев.
Ахмети со став – мора да му признаам на Заев на храброста и го поздравувам тоа што ќе има Албанец премиер во последните сто дена од оваа влада. Тој очекува одлуката за коалицирање да биде поздравена од сите, вклучувајќи ја и меѓународната заедница.
Новина во владата ќе биде и тоа што ќе нема министри без ресор, со исклучок на вицепремиерските функции. Сѐ уште не се открива кои кадри ќе застанат на чело на министерствата. За ова веќе се закажани состаноци на највисоките тела на овие партии за распределба на министерските позиции.
