Новата влада ќе има седум министри помалку, СДСМ и ДУИ ги обелоденија персоналните решенија
СДСМ и ДУИ ги обелоденија персоналните решенија за нови министри. Новата влада ќе има седум министри помалку. За првпат се воведува вицепремиер кој ќе ги координира институциите за борба против корупцијата. ДУИ доби вицепремиерско место и пет министерски. Мандатарот Заев очекува од новите министри отчетност и транспарентност …

Новата коалициска влада ќе има 19 ресори, од кои со 11 ќе раководат кадри на СДСМ, 6 на ДУИ, и по еден на ЛДП и Беса. Претседател на владата ќе биде лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Потпретседател за европски прашања ќе биде актуелниот шеф на дипломатијата, Никола Димитров. За економијата ќе биде одговорен Фатмир Битиќи. Се воведува и потпретседател на владата за борба против корупцијата и одржлив развој. Вицепремиер ќе биде актуелниот генерален секретар на СДСМ, Љупчо Николовски. Оливер Спасовски се враќа во внатрешни, а Шекеринска и Филипче ги задржуваат функциите во одбрана и здравство. Мила Царовска ќе раководи со Министерството за образование и наука. За културата ќе биде одговорна екс-пратеничката Ирена Стефоска. Министерка за труд и социјала е Јагода Шахпаска, актуелен пратеник, а правда ја презема Бојан Маричиќ, кој досега беше советник на Заев. Со транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски, градоначалник на Штип.
„Јас ќе бидам премиер во полн четиригодишен мандат. Имавме доволно големина и јас и Ахмети и СДСМ и ДУИ да се согласиме јас да ја водам владата 4 години, а од друга страна во последните 100 дена премиер да дојде на предлог на ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивна соработка, дијалог, почитување различно мислење базирано на аргументи и градење на консензуална демократија наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. Партиите СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат изборните платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Она што е јасно, дека главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странски инвестиции како и директна поддршка на домашната економија“, соопшти Заев.
ДУИ ќе има еден потпретседател и пет министри во новиот владин кабинет. Потпретседател за политички систем е Артан Груби. Министер за финансии Фатмир Бесими. Сè уште е отворено прашањето за ресорот за информатичко општество и администрација. Како најсериозен кандидат се споменува Ширет Елези, актуелната заменичка-министер за финансии. Министер за економија останува Крешник Бектеши, а за животна средина Насер Нуредини.
Во новата влада министерски позиции и за дел од коалициските партнери. Министер за локална самоуправа останува кадарот на ЛДП, Горан Милевски, а Аријанит Хоџа од БЕСА е предложен за министер за земјоделство. Мандатарот новата програмата и персоналниот состав треба да ги достави до Собранието. Изборот на новата влада треба да се случи во почетокот на идната недела.
Ирина Гелевска
