Мицкоски: Потребни ни се промени на подобро, мора заеднички да се избориме
Тој оценува дека почетоците на независноста се неминовно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека нашата генерација не ја оправдала борбата на претходниците.

„Потребни ни се промени на подобро, а за тоа треба работа и ангажман на секој од нас“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој оценува дека почетоците на независноста се неминовно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, но вели дека нашата генерација не ја оправдала борбата на претходниците.
„Не ги исполнуваме целите за кои тие се бореа затоа што имаме држава со слаби институции, земја потопена со криминал и корупција, намачен и сиромашен народ. Мафија, мафија која управува со државата и сака да управува со животите на луѓето. Нашата генерација е тука и чекаме нова шанса. Македонија не успева затоа што на народот му треба пресвртница која ќе ги направи заедничките животи подобри и поуспешни. После 29 години зборуваме за истите цели како во времето кога се создаваше државата. Европска Унија, силна економија, сигурност“, вели Мицкоски.
Додава дека тоа покажува дека тоа се вистинските вредности кон кои се стремиме, но фактот што не сме ги исполниле до сега покажува дека власта не успеваа во својата мисија.
Во нашата татковина не има секакви, од повеќе етнички припадности и вери. Но, не обединува заедничката мисла за подобар живот, за среќа и успешност која ја нема нашата земја. Затоа ни се потребни промени кон подобро, а за тоа треба работа и ангажман на секој еден од нас и да разбереме дека секој е создавач на својата судбина и среќа. Од нас зависи се. Затоа мора заеднички да се избориме, да немаме богата влада а сиромашен народ, влада која има удобства а народ кој живее на вересија- смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
