Овоштарство

Почна бербата на јаболкото

09.09.2020 10:16

Почна бербата на раните сорти јаболко. Квалитетот е добар, а трговците се заинтересирани за откуп, велат производителите. Според нив годинава откупната цена не треба да биде помала од 15 денари за килограм. Најголем дел или скоро 75 проценти од родот се извезува на рускиот и на пазарите во Европа.

Почна бербата на ресенското јаболко и пред официјалниот старт кој вообичаено е на крајот на септември. Првите гајби се полни со раните сорти муцо и златен делишес за кој веќе има и откуп. Трговци плаќаат по 18 до 22 денари за килограм, а најголем дел од купеното оди на рускиот пазар. Наскоро ќе стаса и Ајдаредот чија берба е нешто подоцна, а кој застапен на скоро 70 проценти од насадите.

Годинава се очекува да бидат собрани од 100 до 120.000 тони.

Земјоделците да не брзаат со потпишувањето на договорите за откуп и јаболкото да не се продава по цена пониска од 15 денари за килограм, препорачуваат преспанските здруженија. Родот годинава е квалитетен, го има доволно, а има и заинтересирани трговци. Според пресметките просечната производствена цена е 11,2 денари за килограм, ако од еден хектар се добијат околу 30.000 килограми.

Јаболковите насади се застапени на околу 5.900 хектари, или речиси една третина од површините под овошни култури, а во последните години  има тренд на нивно зголемување.

Една четвртина од вкупното производство на јаболки се продава на домашниот пазар додека останатите 75 проценти се извезуваат.

Методија Трајков