Градинките ги отворија вратите за децата под строги протоколи за заштита

09.09.2020 12:27

Над 14 илјади деца се вратија во установите за згрижување и воспитување. На влез мерење температура и дезинфекција на раце. Да се почитуваат протоколите и да се алармира и при најмал сомнеж за корона, апелира ресорната министерка Шахпаска...

По шест месеци, градинките ги отворија вратите за децата, но под строги протоколи за заштита од Ковид-19. Во моментов згрижени се над 14 илјади дечиња, а има слободни места за уште 5.000, информираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Појасни дека протоколот на  Комисијата за заразни болести предвидува посебен режим за прием и исхрана. Се регулира и како ќе се одвива одморот, спиењето и играњето на децата.

Во групите од 0 до две години треба да бидат сместени до шест деца, за кои ќе се грижат двајца вработени, а во поголемите групи од две до шест години, најмногу 15 деца за кои, исто така, се грижат двајца – воспитувач и негувател. Министерката ги повика вработените  и родителите да покажат максимална одговорност.

Нема прием без мерење на температура, дезинфекција на раце и лекарска потврда дека детето е здраво. Според Директорката на градинката „Бубамара“, Елена Устамитова денешниот прием на децата поминал во најдобар ред.

Родителите кои ги носеа децата денеска во градинка се задоволни од преземените мерки за заштита, и велат дека со нетрпение го чекале денот децата повторно да се вратат меѓу своите другарчиња.

И покрај загриженоста на родителите за строго прецизното време за земање на децата од градинка, надлежните велат дека ќе постои флексибилност како од страна на работодавачите така и од страна на градинките.

Марина Стојановаа- Тонева