Допрва ќе се утврдува штетата од пожарот во канцелариите на Инспекторатот за животна средина

09.09.2020 13:04

Локализиран пожарот во зградата на Инспекторатот за животна средина. Противпожарната бригада интервенирала со 24 пожарникари и 9 возила. Нема повредени. Огнот зафатил и уништил шест простории. Допрва ќе се утврдува колкава е штетата...

Пожарникари во акција, чад, непријатна миризба, скршени прозорци. Вака во раните утрински часови изгледаше објектот на стара Комерцијална банка во центарот на Скопје, каде што сега се наоѓа Секретаријатот за европски прашања и други државни институции. Причината за пожарот, којшто почнал нешто пред 7 часот, најверојатно е електричната инсталација. Пламените јазици почнале да се шират од првиот кат, поточно од канцелириите на Инспекторатот за животна средина. Огнот зафатил и уништил шест простории, но допрва ќе се утврдува колкава е штетата.

24 пожарникари, 9 возила за кратко време го локализирале пожарот. Проблем било тоа што од ЕВН, не ја исклучиле струјата. Според првиот човек на противпожарната бригада на Град Скопје, проблем било што ја немале шемата на ходниците и не зналеле како да стигнат од внатрешна страна. Вработените од МИА кои тогаш пристигнувале на работа им дале насоки како да стигнат до просториите од две страни.

Поради вдишување на чад за еден од пожарникарите била повикана брза помош. По укажата помош, немало потреба од хоспитализација.

 

Наташа Јанчиќ