„Макфест 2020“ на 18-ти и 19-ти септември на плоштад „Слобода“ во Штип
Триесет и петтото издание на „Макфест“ ќе се одржи на 18-ти и 19-ти септември, за прв пат на отворено, надвор од Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Наместо три, ќе има две фестивалски вечери, наместо 30, ќе бидат изведени 24 композиции, програмата целосно е адаптирана на здравствените протоколи за овој вид манифестации.

Финишираат подготовките за „Макфест“ во Штип. Првата фестивалска вечер ќе биде ревијална, со исполнување на најпознатите макфестовски рефрени, втората ќе биде натпреварувачка - ќе бидат избрани најдобрите три композиции кои ќе бидат наградени со пет, три и илјада евра. Годинава ќе изостане наградата за најдобар изведувач заради тоа што на натпреварувачкиот дел од фестивалот нема да се пее во живо.
Ќе се почитуваат сите мерки за заштита на учесниците и посетителите на фестивалот, сѐ во насока на задржување на реномето кое „Макфест“ го има три ипол децении.
Штип и годинава ќе биде добар домаќин на сите кои се дел од макфестовската приказна, а препорачаните здравствени протоколи се очекува да се почитуваат од сите.
„Макфест“ годинава ќе чини околу шест милиони денари, најголемата финансиска поддршка ја има од Министерството за култура и локалната власт. Македонската радио телевизија и годинава ќе врши директен пренос од двете фестивалски вечери.
Славица Величковска
