КОВИД-19

Запрена финалната фаза на „Оксфордската вакцина“

09.09.2020 14:27

Запрено клиничкото испитување на „Оксфордската вакцина“ поради заболен волонтер. Британските експерти предупредуваат, вирусот не се смени и нема наскоро да исчезне. На глобално ниво во моментов се развиваат околу 140 вакцини. 30 од нив се веќе тестирани на луѓе. Истражувачите веруваат дека само десетина ќе бидат ефективни...

Поради заболен волонтер е запрена финалната фаза од клиничкото испитување на т.н. оксфордска вакцина против ковид-19. Третата фаза на тестирање се спроведуваше на 30.000 лица во Велика Британија, во САД, во Бразил и Јужна Африка. Ова е втор прекин на испитувањето на „оксфордската вакцина“. Британскиот министер за здравство Мет Хенкок најави заострување на рестрикциите во Болтон на северот од Велика Британија. Пабовите и рестораните во продолжуваат со работа, но само за достава на храна. Забрането е дружење надвор од домовите, а се очекува владата да го намали бројот на лица кои смеат да се собираат и во затворен простор. Дел од експертите предупредуваат - вирусот не се смени и нема наскоро да исчезне.

„Луѓе во најразлична возраст се засегнати со ковид-19. И оние, помладите, кои можеби мислат дека нема ни да имаат опасни симптоми ниту да починат, може да се заразат со оваа ужасна болест која целосно го менува животот со месеци и месеци“, изјави Мет Хенкок, министер за здравство на Велика Британија.

Во Шпанија за првпат ќе се тестира експериментална вакцина од „Џонсон и Џонсон“. Бројот на заболени во оваа земја надмина 500.000 така што Пиринејскиот Полуостров и натаму продолжува да е врвот на листата на региони со најмногу инфицирани во Европа. Испитувањето почнува идната недела, а резултатите се очекуваат идната година.

„Мотивите се најразлични, имаме многу волонтери од 65 години кои се ранлива катергорија и одлучија да учествуваат во тестирањето за да добијат потенцијална вакцина што е можно поскоро и да се заштитат пред да дојде зимата“, изјави Алберто Боробија, координатор за истражувањето во „Ла Паз“, Мадрид.

На глобално ниво во моментов се развиваат околу 140 вакцини. 30 од нив се веќе тестирани на луѓе, но истражувачите веруваат дека само десетина ќе бидат ефективни. Деветте водечки американски и европски производители на вакцини гарантираат дека ќе се почитуваат научните стандарди во светската трка за успешен лек против ковид-19. Меѓу потписниците на изјавата се „Фајзер“, „Новавакс“, и „Бајонтек“.

„Сите компании изјавија дека ќе поднесат овластување само ако постојат докази за безбедност и ефикасност кои ќе произлезаат од добро испланирана студија со три етапи. Во моментов, нашиот модел, со нашето најдобро сценарио се предвидува решение до крајот на октомври. Ова е само прогноза“, изјави Алберт Бурла, извршен директор на „Фајзер“.

Според последните статистики, во светот заболеле над 27 милиони лица. Од ковид-19 починале речиси 900 илјади. Повеќе од 18 милиони луѓе успеале да се излечат од новиот коронавирус.

 

Маја С. Филдишев