ВМРО-ДПМНЕ со протест против поскапувањето на струјата

09.09.2020 20:38

Опозицијата ја почнува серијата протести против владините политики. Денеска на улица за враќање на старата цена на струјата. Мицкоски со порака- „отпорот станува наша должност, и ова е време кога треба да се биде гласен“...

Богати мафијаши во владата, а сиромашен народ, тоа е реалноста во нашата Македонија- изјави пред присутните лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на првиот од низата најавени протести. Се протестираше поради поскапувањето на електричната енергија. Овој народ од денеска почнува правдата да ја бара овде, на улиците. Нема веќе по домовите да седиме, излегуваме на улица. Затоа мафијо разбери дека дојде вашиот крај, тогаш кога мислите дека имате нов почеток – рече Мицкоски.

„Првото барање е враќање на старата цена на електричната енергија. Наместо да му овозможувате вонреден профит на универзалниот снабдувач, намалете го процентот, затоа што кога зборува Заев преку Бислимовски ќе ве убедува дека ја поскапиле цената само за ЕЛЕМ и МЕПСО. Тоа не е точно, не е исто процентот на универзалниот снабдувач да го множите со сто и да го множите со сто и десет. Дополнителни повеќе од милион и 800-ни илјади евра приход за универзалниот снабдувач само за една година, милион и 800-ни илјади евра математички прецизно“, изјави Мицкоски.

Ќе го гледате ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата и ќе ви биде ноќна мора, сѐ до крајот на вашиот пеколен пад. И пратениците заедно со останатите опозициони пратеници во Парламентот ќе се борат како лавови и лавици за интересите на овој напатен народ“ – порача Мицкоски испорачувајќи нови барања до власта и Регулаторната комисија.

„Помина еден викенд, вториот е пред нас, септември има четири викенди, имате време на следната владина едница, наместо да рушите тоа што диво го изградивте, наместо да делите мандатни писма, донесете одлука којашто ќе биде за интересите на овој народ. Викенд без ДДВ тоа го ветивте пред изборите и тоа мора да го испорачате, 18% проценти помали цени преку викенд за граѓаните во Република Македонија. Трета последна работа за денеска е професионализација на Регулаторната комисија за енергетика, не вакви партиски војници и слуги и полтрони. Професионализација на комисијата за фер цени за граѓаните“, нагласи Мицкоски.

ВМРО- ДПМНЕ ќе продолжи со протести и во следниот период. Велат дека се насочени кон подобриот стандард на граѓаните, а со самото тоа и исправање на неправдите кои им се нанесени.

Миле Ристески