Истекува рокот за доставување на претседателските кандидатури до ДИК

13.03.2014 09:05

Кандидатите се веќе познати и потврдени од партиите - актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ...

Вечерва на полноќ истекува рокот до кој политичките партии до Државната изборна комисија (ДИК) ги доставуваат кандидатурите за претседателските избори.

Кандидатите се веќе познати и потврдени од партиите - актуелниот претседател Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, Илијаз Халими од ДПА, Зоран Поповски од ГРОМ и Стево Пендаровски од СДСМ.

Досега се доставени кандидатурите на Иванов, Поповски и на Халими.

Како што најавија од СДСМ, кандидатурата на Пендаровски ќе биде поднесена денеска на пладне.

Жрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе да ја одржи в понеделник на 17 март. 

Денеска исто така ДИК треба да ги објави и описите на изборните единици. Комисијата денеска треба да донесе решение за утврдување на промената на описот на избирачкото место.

ДИК го достави до министерството за  финансии предлог-планот за изборните дејствија. За претседателските и за предвремените парламентарни избори се очекува да бидат потрошени над 8 милиони евра.