Струга

Градинките почнаа со работа под строги протоколи за заштита

10.09.2020 10:25

По шест месеци пауза, градинките ја отворија вратата за најмладите. Вработените носат маски, а децата на прием влегуваат по измерена температура и дезинфекција. Екипата на МТВ во посета и на една струшка градинка. Одговорните уверуваат дека имаат соодветни просторни услови и дека ги почитуваат препораките...

Се врати детската врева, градинките ги отворија вратите за најмалите. После шестмесечна пауза под строги протоколи за заштита од вирусот, од утрово повторно започнаа со работа детските градинки ширум земјава. Ја посетивме струшката градинка „8- ми Март“ . Тука ќе бидат згрижени 220 деца, а на листата за чекање има уште 130. Одговорните велат, имаат просторни услови и подготвени се да ги почитуваат преппораките.

„На првиот ден имаме прием на деца не толку колку што пријавија родителите, тоа е така бидејќи ја подготвуваат потребната документација. Во наредните денови очекуваме да има повеќе деца. Почитувајќи го протоколот што ни е наведен од Министерството за труд и социјална политика, моментално ќе згрижиме 220 деца“, вели Сема Шазимани, директор на детската градинка „8- ми Март“- Струга.

Според протоколот, се ограничува бројот на деца во една група: за децата до двегодишна возраст максималниот број е 6 деца, а за децата од 3 до 10- годишна возраст максимум е дозволено да има по 15 деца. Родителите велат, имаат потреба да ги носат децата во градинка, бидејќи одат на работа.

„Приморани сме да ги донесеме децата во градинка бидејќи одиме на работа. За чистота може да кажам дека е во ред. Детето од лани ми беше запишано во градинка, но треба да се примат и други деца. Ќерка ми не ми е примена, а имаме потреба. Има мајки и други кои одат на работа“, вели еден родител.

И на децата и на вработените при влез задолжително им се мери температура. Вработените задолжително ќе носат маски. За секое дете треба да се обезбедат по две постелнини и истите да бидат обележени со име на детето и строго да се води грижа да не се мешаат.

На секои два часа, да се прави дезинфекција на прекинувачите, кваките на вратите, мијалниците, масите, столовите. Растојанието меѓу масите ќе биде 1,5- 2 метра.

 

Соња Рилковска