Јацењук: НАТО одговорен за ситуацијата во Украина

13.03.2014 09:12

Непосредно пред одржувањето на референдумот за отцепување на Крим и припојување со Русија, украинскиот премиер Арсениј Јатсењук од Вашингтон по средбите во Белата куќа и Стејт Департментот порача дека Украина нема да дозволи нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет...

Украинските власти нудат преговори за автономна република Крим во рамките на Украина, со што би се зачувал суверенитетот на државата. Во спротивно украинскиот премиер Арсениј Јацењук  изјави дека ќе има крвопролевање со далеку помоќната Русија, но дека Украинците нема да се предадат. Украинскиот премиер ги прозва НАТО како одговорен за ситуацијата во Украина поради одлуките донесени на самитот во Букурешт.

„Ова се последиците од самитот во Букурешт, задржувањето на НАТО и Акциониот План за Членство. Ако немате врска со НАТО ќе имате нешто друго, како воена агресија. Ова е драматична лекција за сите нас. Треба јавно да кажеме кој е вистинскиот одговор на вакви ситуации. Да бидеме искрени, ние се обидуваме да најдеме излез, но колективните организации што се одговорни за глобалната безбедност не се ефикасни како што би требало да бидат“, вели премиерот на Украина, Арсениј Јацењук.

Ситуацијата во Украина, и претходно со Грузија се повеќе ги засилува препораките за проширување на НАТО на престојниот самит во септември во Британија, како превенција на нови кризи. Најсериозни кандидати за прием во НАТО на самитот во Кардиф, според високи претставници на Стејт Департментот , конгресмени и експерти се посочуваат Македонија и Црна Гора.

Мерката на Европската Унија за ситуацијата во Украина е понудата за потпишување на Договор за стабилизација и асоцијација на 21 март.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ