САД: Гори крајбрежјето на Пацификот, има жртви
Гори крајбрежјето на Пацификот на САД, има жртви. Научниците порачуваат да се следат насоките и предупредувањата за заштита на планетата земја за да се избегнат неочекувани временски непогоди во иднина кои би можеле да остават трајни последици врз човештвото...

Апокалиптични сцени на западниот брег на САД. Пожари од епски размери беснеат во Калифорнија, Орегон и Вашингтон. Жртви има во сите три сојузни држави. Силниот ветер, но и пеколните температури ја отежнуваат работата на спасувачките екипи. Пожарникарите се повлекоа од неконтролираната огнена стихија која принуди десетици илјади жители да се евакуираат од своите домови.
„Ни изгоре сè. Облеката, креветите, сè. Некој тропна на вратата, рече да се евакуираме. Тој ги зеде набрзина работите, кучето и излеговме. За миг, видете што се случи со куќата.“
Во Калифорнија се затворени сите 18 национални паркови. Во најпогодените региони е прекинато снабдувањето со електрична енергија. Властите во Орегон предупредуваат – овој пожар може да однесе рекорден број човечки животи. Последниот смртоносен пожар во оваа сојузна држава се случи во 1963 година во кој загинаа 13 лица.
„Стотици домови се уништени, ние продолжуваме со евакуацијата во целата земја. За среќа, многумина успеаја да ја избегнат опасноста, вклучувајќи ги и оние кои ги извадивме од реките каде што бараа спас. Но, имаме уште многу граѓани кои мора да ги напуштат домовите во следните неколку часа за да бидат безбедни“, изјави Кејт Браун, гувернерка на Орегон.
Од почетокот на годинава во САД од пожари се уништени речиси два милиона хектари земјиште. Повеќето го зафатија пацифичкото крајбрежје. Експертите за климатски промени тврдат дека последиците од глобалното затоплување допрва ќе се манифестираат.
„Ризикот се акумулира, а во последните неколку децении, ние самите се изложивме на оваа неверојатно опасна позиција. Долготрајните суши создадоа суви дрва и материјал за овие пожари. Температурите се зголемуваат на глобално ниво. Со тоа се внесува многу енергија во системот што резултира со многу нестабилна животна средина“, изјави Валид Абдалати, шеф на научниот оддел на Универзитетот во Колоардо.
Од последиците на климатските промени не беше поштедено ни атлантското крајбрежје коешто во моментов го пустошат 16. и 17. тропска бура. Минатиот месец во Долината на смртта беа измерени 54 степени целзиусови што е рекорд во последните 100 години. Слична вредност е регистрирана и во Феникс. Во Колорадо, температурен шок. За една седмица, жителите на оваа сојузна држава доживеаја и летни временски услови, но и снег во септември.
„Имам искуство со планинарење во Колоардо. Но никогаш не сум се разбудила и видела снег во овој период, или промена од десетина степени преку ноќ. Ова е нешто ново за нас.“
„Откажавме свадба во јуни и ја закажавме за септември. Не сакавме да биде во ноември и декември поради непредвидливото време. Воопшто не размислувавме дека ќе биде вака во почетокот на септември.“
Годинава се очекува официјалното повлекување на САД, најавено од администрацијата во Вашингтон, од Парискиот договор за клима од 2015 година. Спогодбата ја потпишаа 200 земји кои се согласија дека ќе ги намалат емисиите на јаглерод и ќе го ограничат глобалното покачување на температурата под 2 степени Целзиусови.
Маја С. Филдишев
