Сѐ уште се утврдува причината за пожарот во Инспекторатот за животна средина
Се санираат штетитe од пожарот во Инспекторатот за животна средина и во државната МИА. Истрагата се уште трае, но најверојатно причина е дотраената инсталација. Противпожарни екипи и ноќеска интервенирале за гаснење на догорчиња. Огнот ги проголта архивата и дел од канцелариите на Инспекторатот, а оштетени се и простории на државната информативна агенција...

Причината за пожарот во зградата каде се сместени МИА и СЕП сѐ уште се утврдува. Се претпоставува дека избувнал во една од канцелариите на Инспекторатот за животна средина на првиот кат. Штета претрпе и Медиумската информативна агенција на вториот кат од опожарената зграда. Настрадала и опремата за новинарската агенција. Последиците од пожарот беа тема на средбата на директорот на МИА во владата.
Инспекторатот за животна средина продолжува со работа, велат инспекторите. Се бараат нови канцеларии, но дел од уништетната документација ја имаат зачувано во електронска форма, па уверуваат дека нема да има застој во нивната работа.
Пожарот во зградата каде е сместен и Секретаријатот за европски прашања не направил поголеми штети во канцелариите на оваа владина институција, но сепак поради чадот вработените привремено нема да ги користат просториите.
Пожарот избувна во среда изутрина и брзо се прошири. Нема повредени, но еден пожарникар е полесно повреден при интервенцијата. Командирот излезе со скандалозен податок, дека во зградата не работел ниеден хидрант.
Ирина Гелевска
