Итен состанок во Лондон за Брегзит
Потпретседателот на Европската комисија Шефчович во Лондон на итни разговори за Брегзит. Официјален Брисел со загриженост гледа на најавите од Обединетото Кралство за објавување закон за блокирање на делови од обврзувачкиот договор за излез од Унијата...

Откако, и ненадејно британскиот премиер Џонсон најави измени на Договорот за Брегзит со Европската унија, во соседството, ирскиот колега Мартин му порача: ја нарушивте довербата.
„Се создава напнатост, се создаваат сомнежи. Ова не може да води кон цврсти преговори. Во Европа постои многу гнев на кој начин се има ова случено. Исто така и во Ирска“, изјави Мајкл Мартин, премиер на Ирска.
Главниот европски преговарач Барние вчера експресно пристигна во Лондон откако Даунинг 10 најави измени во трговскиот дел на договорот. Со ова, смета Брисел се крши меѓународното право, но Џонсон одговори во Парламентот. Намерата е да се заштити морската граница на Северна Ирска, дел од Кралството.
„Моја работа е да го сочувам интегритетот на Кралството, но и мировниот процес во Северна Ирска и Договорот од Велики Петок за да ја заштитиме нашата држава од неразумните толкувања на договорот. Тие се против интересите на земјата, кои се наш приоритет“, рече Џонсон.
Договорите мора да се спроведуваат, и најнезабележителното повлекување ќе ја поткопа довербата, контрираше Брисел преку потпретседателот на комисијата Шефчович. И повторно итна седница на Британско-европскиот заеднички комитет.
„Ова е преседан, тоа го кажав вчера. Дојдов во Лондон да ја искажам сериозната загриженост за понудениот закон“, изјави Марош Шефчович – потпретседател на Европската комисија.
Предупредувања пристигнаа и од Берлин. Германската дипломатија отворено толкува, договорот е веќе потпишан, и меѓународно признаен.
„Убедени сме дека Британската влада целосно ќе го спроведе договорот за повлекување од унијата. Се надеваме дека нема да треба да и возвраќаме на британската влада доколку го донесат спорниот закон“, изјави Марија Адебар, портпаролка на германското МНР.
Брисел и Лондон спорат за правилата на конкуренцијата и за правата за рибарење. Иако, Велика Британија ја напушти Унијата, транзицискиот период за заминување е до крајот на годинава. За Европа, обидите за забошотување на договорот можат да ги загрозат мирот во Северна Ирска и трговските релации со Кралството.
Зоран Богатинов
