ЕУ им се закани со санкции на турските власти
ЕУ се заканува со нови санкции кон Турција доколку Анкара не се врати на преговарачката маса за територијалниот спор со Грција и Кипар во источниот дел од Средоземјето. Претставниците од Франција, Грција, Кипар, Малта, Италија, Шпанија и Португалија инсистираат да продолжи посредувањето на Германија. Неделава и Русија се понуди да биде во улога на медијатор. Прашањето ќе се дискутира и на лидерскиот самит на 24 и 25 септември во Брисел.

„Поддршка за Грција и Кипар, можни санкции за Турција“ е епилогот од вонредниот самит на Корзика посветен на спорот околу активностите и потенцијалните енергетски извори во Источен Медитеран. Лидерите на владите и државите на седум медитерански земји-членки во европскиот блок бараат официјална Анкара да се врати на преговарачката маса и да запре со едностраните одлуки кои ја загрозуваат безбедноста во регионот.
„Нашиот сосед има уште време пред самитот на ЕУ да се повлече и да си го направи својот пат за излез од кризата, воздржувајќи се од наутички и истражувачки активности во поморските зони каде што не се истражува, да ја запре агресивната реторика, да се врати на масата за разговор со Грција од која замина во 2016 година“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција
„Оваа активност на Анкара го прекршува меѓународното право, сувереното право и суверенитетот на две земји-членки на ЕУ. Го нарушува и суверенитетот на Европа. Се согласивме да ги употребиме сите расположливи средства при справувањето со незаконските активности и однесувањето на Турција, вклучувајќи и санкции против секој што е влучен во нив“, изјави Никос Анастасијадес, претседател на Кипар.
Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу преку видео-конекција му се обрати на Европскиот парламент барајќи Брисел да остане непристрасен во спорот. На пратениците им покажа географски мапи кои биле доказ дека Турција не можела да навлезе во меѓународните води во егејските острови бидејќи Грција си го зголемила пристапот од 9 до 18 километри од своето крајбрежје.
„Зошто секогаш само Турција мора да покаже добра волја? Зошто не Грција? Зошто не грчките Кипрани? Не мора да има договор меѓу Турција и нив. Може да биде само заедничка гаранција, механизам, уште еден механизам на ЕУ, на ООН. Може да е и заедничка комисија“, рече Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.
Покрај дипломатските дискусии, турските и грчките претставници одржаа состанок во седиштето на НАТО во рамките на серијата средби за намалување на ризикот од вооружен конфликт меѓу двете членки на Алијансата.
Тензиите се зголемија поради истражувачкиот брод испратен од Анкара во Источен Медитеран да трага по резерви на нафта и природен гас. Во знак на поддршка за Атина, членките на Унијата пратија свои пловила. И Грција и Турција тврдат дека имаат право да ги користат енергетските извори во спорното подрачје. Нетрпеливоста на релација Атина-Анкара расте и поради воените маневри на двете страни при што учествуваат фрегати и авиони.
Маја С. Филдишев
