Најавени субвенции за извоз на винско грозје
Ќе се почитува ли предлогот на Министерство за земјоделство, откупните цени на винското грозје да ги достигнат ланските. Откупувачите да понудат 11 и 9 денари за килограм вранец и смедеревка, а разликата да се надополни со субвенција од 4 денари. На винариите ќе им се помогне во намалување на транспортните трошоци, а на извозниците според продадените количества во странство.

Откупната цена да биде 11 денари за вранец и 9 денари за килограм смедеревка, а Владата да интервенира со четири денари субвенција, за да може да се достигнат ланските откупни цени од 15 односно 13 денари, предлага Министерството за земјоделство. За првпат годинава се размислува да се воведе и дополнителна субвенција од 2 денари за висококвалитетните сорти грозје.
На винарниците ќе им се помогне со покривање на 20 насто на транспортните трошоци за наливното, и 30 проценти за флашираното вино.
Исто така се предлага извозниците на винско грозје да добиваат субвенција од 2 денари за извезени 12 милиони килограми. За продадени до 25 милиони да имаат право на 3, а ако откупат и извезат повеќе од 25 милиони килограми да добијат по 4 денари субвенција. Со години наназад, велат од федерацијата на фармери, бараме да се создадат вистински партнерски односи меѓу лозарите и винариите, функционирање на договорното производство и воведување на банкарска гаранција.
И винариите имаат свои аргументи за висината на цените што ги нудат. Состојбата со Ковид-19 предизвика пад на продажбата на домашниот пазар и до 80 проценти, поради намалениот промет во угостителството и во туризмот, каде што се продава и најголемиот дел од виното.
Методија Трајков
