Општините од југозападот со барање за настава со физичко присуство
Речиси 90 насто од родителите од општините на југозападот од земјава се за настава со физичко присуство во училиштата. Надлежните тврдат дека се подготвени да ги пречекаат основците. Се чека одлуката од Комисијата, која по увидот ќе одлучи кои училишта ги исполнуваат условите за класична настава…

Општините од југозападниот регион во земјава бараат настава со физичко присуство. Речиси 90% од родителите во Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца се изјасниле за образование во училница, многу мал процент за онлајн учење.
Од октомври во училиштето во Вевчани наставата се очекува да започне за 200 основци. Надлежните велат сè е подготвено, набавени се бесконтактни топломери, дезинфекциски средства. Подготвени се протоколи за влегување на учениците низ посебни влезови.
„Училиштето во Вевчани ги задоволува сите услови што ги пропишува Комисијата за здравство. Има три влеза, има паралелки со помалку од 20 ученици. Немаат никаков контакт. Мислам дека Комисијата за здравство ќе одлучи да даде шанса физичка настава“, вели Сашо Јанкоски градоначалник на општина Вевчани.
Општина Охрид подготви преглед за спроведување на воспитно-образовниот процес според сите протоколи за време на пандемија со физичко присуство, за учениците од четврто до деветто одделение и за учениците од средните училишта.
„Овој преглед со барања, општината го достави до Комисијата формирана од Владата, која треба да донесе одлука во кое училиште ќе може да се организира наставата со физичко присуство. Општина Охрид веќе започна постапка за набавка на средства за дезинфекција, термометри и сите други потребни материјали за здравствена безбедност на учениците и наставниот кадар, а пред почетокот на учебната година ќе биде извршена целосна дезинфекција на сите училишни објекти“, информираат од општина Охрид преку писмено соопштение.
Некои од училиштата имаат услови за намалени паралелки и спроведување на протоколите, но некои не. Вевчанското училиште е едно од најсовремените и најновите во земјава.
Училиштето „Страшо Пинџур“ во Вевчани денес уште тивко, но од октомври овде ќе се слуша детскиот џагор. Сите општини чекаат одлука од Комисијата, која откако ќе изврши увид ќе одлучи кои училишта ќе добијат дозвола за настава со физичко присуство.
Соња Рилковска
