Уривањето на дивоградбите е само еден од проблемите на Охрид

14.09.2020 12:26

Охрид мора целосно да ги реализира препораките на УНЕСКО за да остане на списокот на организација која се грижи за светско културно и природно наследство. Освен со уривањето на дивоградбите, градските власти се соочуваат и со намерните или ненамерните грешки при легализација на градбите во заштитеното подрачје …

Уривањето на дивоградбите е само еден од проблемите со кои се соочува Охрид во сферата на урбанизмот следејќи ги препораките на УНЕСКО. Можеби уште поголем ќе биде санирањето на состојбите што ги предизвика Законот за легализација на бесправно изградени објекти за којшто од локалната самоуправа велат дека бил катастрофален за градот, бидејќи му направил непоправливи штети кои се обидуваат да ги минимизираат. Се одело и до таму што се легализирале дивоградби изградени на парцели каде што според Деталниот Урбанистички План било предвидено да се пробиваат улици. Сепак најгорливи за решавање ќе бидат легализираните бесправни градби во заштитеното подрачје.

„Значи тие објекти се легализираат по закон, меѓутоа не се вклопуваат во урбанистичкиот план. Тоа значи дека дел од објектите коишто се во 50 метри заштитен појас или КП-11, дел од нив навлегуваат во Охридското Езеро. Ние ако решиме како држава, како општина да ги отстраниме, на тие сопственици ќе треба да им исплатиме оштета“, изјави Константин Георгиевски-градоначалник на Охрид.

Иако од некои експерти укажуваат на преизграденоста во Охрид, од општината велат дека немаат намера да го спречуваат развојот на градот. Но дека во иднина максимално ќе се почитуваат законите.

„Тоа ќе го диктира пазарот и понудата и побарувачката, не е нешто во што ние како општина би можеле и би сакале да се инволвираме. Меѓутоа секако и те како ќе ставиме контрола на развојот и на изграденоста и на таа урбанизација на градот“, вели градоначалникот.

Во секој случај останува да виси прашањето дали некој ќе понесе одговорност за нелегалната и неконтролирана урбанизација и неправилното постапување при легализацијата на дивоградбите што сега на локалните власти им создава големи главоболки, а за чии намерни или ненамерни грешки ќе треба да плаќаат граѓаните.

Сашо Нелоски