За аерозагадувањето молчат и екологистите и политичарите

14.09.2020 12:49

Аерозагадувањето го вклучи алармот, но засега молк и од екологистите и од политичарите. Од животна средина се издвојуваат многу малку пари, велат еколозите. Се врши притисок врз политичарите. Локалните власти пак со субвенции за велосипед…

На еден месец пред грејната сезона квалитетот на воздухот не е на завидно ниво. Но, засега молчат и екологистите и политичарите.

Прашина од градилиштата и зголемена емисија на издувни гасови од возилата поради метежот по булеварите. Граѓаните коментираат по социјалните мрежи, но од ниедна страна нема одговор. Аерозагадувањето според екологистот Душко Христов ќе го вклучи алармот, кога како последица од ПМ 10 честичките граѓаните ќе почнат потешко да дишат и ќе почнат да ги мешаат симптомите дали е ковид, дали сезонски грип, или премногу загадување. Признава дека екологистите по оваа прашање се како подзаспани, а политичарите нудат решенија во предизборните кампањи.

„Решавање на проблем подразбира издвојување на финансиски средства. Ќе видите дека во нивните програми, во Министерството за животна средина многу малку пари се издвојуваат за овој проблем. Работите се мрднати од мртва точка изминативе неколку години, но тоа не е доволно. Бизнис интересот на некои политички елити е на право место“, вели екологистот Душко Христов.

И неговиот колега од Тетово со став дека политичарите само зборуваат за проблемите, а не се презема ништо.

„Вршиме притисок врз политичарите да сменат некои работи“, додава Аријанит Џафери, екологист од Тетово.

И додека се чека глобално решение, градските татковци делуваат локално. Со субвенции за велосипед, градоначалниците на Скопје, Охрид, Прилеп, Струмица создаваат предуслови за воздухот да им биде почист. Првите луѓе на Куманово и Струмица, на пример, спас гледаат во гасификација, па учествуваат во субвенционирање на приклучоците. Субвенции за клима уреди даваа и централната и локалните власти.

Дека сето ова е капка во море покажува и последниот извештај на Европската агенција за животна средина покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето. Според податоците поради загадената животна средина во Македонија годишно умираат околу 2.400 луѓе.

Наташа Јанчиќ- Менковски