СЗО: Рекорден број на заболени во едно деноноќие
Октомври и ноември ќе бидат тешки за Европа заради коронавирусот, алармантно предупредување на Светската здравствена организација. Забележан најголем дневен пораст од почетокот на пандемијата. Најмногу заразени и натаму има во Индија, САД и во Бразил. Во меѓувреме, реактивирано тестирањето на Оксфордската вакцина.

Рекорден број на заболени од ковид-19 во едно деноноќие. Потврдени 307.930 нови случаи. Индија, САД и Бразил и натаму на врвот.
„Загрижен сум што мора да носиме маска и да бидеме на одредено растојание. Индија е место каде што физичката дистанца е невозможна ако нема карантин.“
Од СЗО предупредуваат – наесен се очекува нагло зголемување и во Европа.
Австриската влада со песимистички прогнози. Инсистира да продолжат рестрикциите, вклучувајќи го и методот за работа од дома.
„Секојдневнието ќе пренасочи многумина во затворен простор, училиштата се отвораат, јавниот живот нема да се одвива толку надвор. Поради тоа очекувам дека ќе ни бидат потребни овие мерки најмалку додека трае зимскиот период. Не ветуваме дека нема да има и други рестрикции“, изјави канцеларот Себастијан Курц.
Во Италија за прв пат се отвораат образовните институции по карантинот воведен во март.
„Среќна сум бидејќи син ми тргна во средно училиште. Ова е посилно од грижите и неизвесноста, но имам верба во професорите и вработените во училиштето.“
„Го почитуваме протоколот за растојание од еден метар. Обележани се рутите кои треба да ги следат за да влезат во училниците, имаме дезинфекциски средства, асистентите ќе чистат по секој наставен час. За сè друго ќе треба да си посакаме среќа“, вели Рита Папалардо, директорка на училиште.
„Како да сум се ослободил што сум се вратил на училиште. Сите треба да си помагаме и да ги следиме правулата кои ќе ни дозволат да останеме овде.“
Израел ги враќа строгите мерки за изолација пред еврејската Нова година.
„Нема да можеме да славиме со семејствата, а штета ќе претрпат и бизнисите. Му дадов насоки на министерот за финансии да формулира друг пакет помош за најпогодените од ограничувањето на движењето“, изјави премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Во меѓувреме, Универзитетот во Оксфорд го реактивираше испитувањето на вакцината која ја развива во соработка со шведската фармацевтска компанија „Астра Зенека“. Тестирањето беше запрено поради хоспитализација на еден од доброволците. На глобално ниво се развиваат околу 140 вакцини.
Маја Стојаноска- Филдишев
