Нема нови заболени од Ковид-19 во градинките
Нема нови сомнителни случаи или заболени од Ковид-19 во градинките низ земјава. Секаде објектите работат непречено, освен оној во Свети Николе. Останува затворен бидејќи една од вработените имала позитивен тест на Ковид-19, па се чекаат насоки од Центарот за јавно здравје...

Во детските градинки нема нови случаи позитивни на коронавирусот, ниту кај вработени, ниту кај деца – велат од Министерството за труд и социјална политика. Откако вирусот Ковид –19 беше потврден кај вработени во две детски установи во Скопје и Битола тие денеска функционираат непречено.
По пауза од шест месеци, детските градинки почнаа да работат. Неколку дена по отворањето се појавија првите случаи на инфицирани вработени со коронавирусот. Надлежните смируваат, велат се почитуваат протоколите и мерките за заштита.
Во скопската градинка Корчагин никој од вработените не пријавил симптоми откако негувателка непосредно пред отворањето на установата пријавила дека е позитивна на вирусот. Утрово таму се згрижувале деца бидејќи изминат е периодот од седум дена препорачан од епидемиолозите како клучен за појава на симптомите.
И битолската градинка каде во петокот негувателка пријави дека е позитивна на коронавирусот денеска работи нормално. Нови случаи со симптоми на вирусот нема. Се почитуваат мерките и во домашна изолација се пет деца, три негувателки и две воспитувачки.
Градинката во Свети Николе, пак во средата воопшто не започна со работа и ќе остане затворена, бидејќи една од вработените имала позитивен тест на Ковид-19, се чекаат насоки од Центарот за јавно здравје.
Андријана Атанасовска
