Собранието ги формираше работните тела

14.09.2020 16:38

Во Собранието изгласана одлуката за избор на претседатели, нивни заменици, членови и заменици членови на работните тела. Ова е важно зошто серија закони чекаа народните избраници да се фатат за работа. Иако власта и опозицијата постигнаа консензус за распределбата, во дискусиите, различно ги толкуваа процедурата и деловникот...

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистираа прво да се донесе одлука за формирање на комисиите, во која ќе се прецизираат бројот на членовите, делокругот на надлежностите и бројот на комисиите, па потоа да се премине на избор на персоналниот состав. Сепак парламентарното мнозинство се спротивстави со аргументација – сè уште важи одлуката од 2017 година во која стриктно се наведени структурата и бројот на работните тела.

Според социјалдемократите во кадровскиот состав на комисиите е запазен соодносот на партиската и националната припадност во законодавниот дом, а се водело сметка и за родовата рамноправност.

Појаснување за дилемите што ги судрија власта и опозицијата даде спикерот Џафери.

Според усвоената одлука која доби поддршка од 98 пратеници, во законодавниот дом ќе функционираат 21 комисија. Од нив, со по осум работни тела ќе раководат пратеници на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ ќе има прв човек во три комисии, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива ќе водат две работни тела.

Игор Панов