Наградата „Ристо Шишков“ за актерката Александра Пешевска

14.09.2020 17:09

Александра Пешевска, актерка на Кумановскиот театар, ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 28-то издание на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“, во Струмица.

Синоќа заврши 28-то издание на престижниот Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, со доделување на наградите на најуспешните. Лауреат на овогодинешниот фестивал на камерен театат „Ристо Шишков“ е кумановската актерка Александра Пешевска за улогата во претставата „Телефонот на мртовецот“. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот и парична награда во износ од 1.500 евра.

Александра Пешевска во оваа ролја манифестира супериoрно актерско мајсторство со изразени психолошки валери, уверливо досегнувајќи ја зоната на внатрешна чувствителност- стои во дел од образложението на жири комисијата под палката на минатогодишниот хрватски лауреат, актерот Душко Зидар.

Поради пандемијата, оваа година изостанаа наградите од Меѓународната асоцијација НЕТА, бидејќи на фестивалот немаше театри од странство.

 

Стојне Митева