Поголемо производство на добиточна храна

15.09.2020 10:20

Иако има потенцијал за производство, Македонија за своите потреби нема доволно добиточна храна и мора да купува од надвор. Нејзиното одгледување, особено на луцерката, е клучно за развој на сточарството и за зголемувањето на стадата. Како што велат земјоделците, оваа култура е добра и за самата почва, односно го подобрува нејзиниот состав и квалитет што е добредојдено за новите насади. Единствениот проблем е што тешко се приспособува на климатските промени…

Македонија е една од ретките земји во регионот која има услови за производство на луцерка со 5 до 7 реколти во текот на една година.

Оваа култура која е клучна за развој на сточарството и зголемување на стадата на пасиштата низ земјава, oсвен како добиточна храна, како што велат земјоделците, луцерката го облагородува составот на почвата, па нивите потоа без дополнителни вложувања и вештачки ѓубрива се подготвени и за одгледување на насади со други култури и се влијае на намалувањето на болестите и штетниците.

Во новонастанатите услови единствено за луцерката е проблем приспособувањето кон климатските промени бидејќи не поднесува високи температури и долги сушни периоди. Сепак, Македонија има потенцијал и експертите препорачуваат зголемување на насадите.

Фуражните растенија за добиточна храна се одгледуваат само на осум проценти од вкупната обработлива земјоделска површина во нашава земја.

Луцерката е застапена на 18.000 хектари со производство на 125.000 тони годишно.

Методија Трајков