ИЈЗ: Изминатата недела за 10,8% помалку новозаразени со Ковид-19 од претходната

15.09.2020 11:17

Процентот, пак на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,4 проценти или 0,3 проценти повеќе во однос на претходната недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години...

Во периодот од 7 до 13 септември 2020 година, регистрирани сe вкупно 705 нови позитивни случаи на Ковид-19 од 33 града во државата, што претставува намалување од 10,8 проценти во однос на минатата недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Тестирани се вкупно 8.353 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на вируост, 14,2 проценти помалку во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи, согласно извештајот на Институтот за јавно здравје се од Скопје. Во истиот период, во 17 града, бројот на новодијагностицирани е под 20.

Процентот, пак на позитивни случаи од тестирани изнесува 8,4 проценти или 0,3 проценти повеќе во однос на претходната недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=173, 22,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 и 30-39 по (n=136; 19,3%), 40-49 (n=107; 15,2%) и 20-29 (n=98; 14,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=19; 2,7%) и 10-19 години (n=36; 5,1%), се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=681; 96,6%), регистрирани се 127 (18,6 отсто) хоспитализирани, што е намалување од 3,8 проценти во споредба со минатата недела, а кај 227 (33,3 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Од вкупниот број нови случаи, 221 (31,3 проценти), стои во соопштението, имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 32 лица со историја на патување во последни 14 дена.

Од МЗ посочуваат дека по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 709 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Пријавени се 27 смртни случаи од 12 градови, седум повеќе споредено со минатата недела. Во однос на возраста, 19 лица биле над 60 години, шест на возраст од 50-59 и два од 40-49 години. Од починатите 25 лица биле хоспитализирани. Коморбидитети се регистрирани кај 23 починати лица, стои во денешното соопштение од Министерството за здравство.