Редици пред банките, почна обесштетувањето на штедачите од Еуростандард банка

15.09.2020 13:25

Денес почна исплатата на обесштетувањето на штедачите на Еуростандард банка. Исплатата се одвива преку шалтерите на четири банки, во сите градови, а депонентите се распоредени според почетната буква на презимето. Средствата се исплаќаат лично на депонентот, со приложување важечки документ за идентификација, односно на полномошник со заверено полномошно на нотар …

Почна обесштетувањето на штедачите од Еуростандард банката. Деловните банки веќе ги имаат списоците и кај нив од Фондот за осигурување депозити се префрлени околу 70 милиони евра.

Пред филијалите на банките низ целава земја забележителни редици. Ги направија штедачите на Еуростандард банка.

Се обесштетуваат влоговите до 30 илјади евра, поголемите ќе се надоместуваат од стечајната маса. Од Здружението на оштетени штедачи велат дека преговараат за донесување Закон со кој државата ќе ја гарантира исплатата на депозитите.

Исплатата на парите засега се врши преку четири деловни банки- Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка и Халкбанк. Потврдите за сопственост на депозитот се издаваат директно во банките – исплатувачи.

Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, за да го оствари правото на обесштетување. Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките и на големите акционери во Еуростандард, како и штедачите кои имале повластени каматни стапки. Замрзнати ќе останат и парите кои се поврзани или се сомнителни за кривичното дело перење на пари.

Дијана Ценевска