Родителите од југоистокот бараат нивните деца да се вратат во училишните клупи
Родителите од југоистокот бараат да се вратат нивните деца во училишните клупи. Над 80 насто се изјасниле во анкетите за физичко пристуство на наставата. Општините поднесоа барања до владината комисија, но останува отворено прашањето, дали за 15 дена ќе се стави ред пред да почне наставата...

За 15 дена почнува новата учебна година, ама колку училишта од југоистокот ќе ги отворат вратите за учениците никој не знае. До подрачните одделенија за образование, училиштата ги доставиле направените анкети од родителите, а тие пак ги поднеле барањата до владината комисија за начинот на одржување на наставата. 96 отсто од струмичките родители бараат настава со физичко присуство. Од општината информираат дека не е мал бројот на училишта каде процентот од анкетираните родители е 100 проценти за физичка настава.
Вељуса и Дабиле се единствените училишта од струмичкиот регион во кои наставата ќе се одвива со физичко присуство на учениците. Останатите ќе чекаат одлука, а до тогаш мораат сами да си направат план, како ќе комбинираат настава, почитувајќи ги протоколите од Комисијата за заразни болести.
Над 70 отсто се гевгелиските родители кои сакаат настава со физичко присуство. Општината доставила барање до комисијата за сите подрачни училишта и веќе чекаат да се произнесе по поднесените барања. Околу 80 отсто пак од анкетираните радовишки родители се изјасните за настава со физичко присуство.
Генерално, родителите на учениците од југоистокот бараат нивните деца да се вратат во училишните клупи. Од Министерството за образование велат дека засега е сигурно дека само учениците од 1 до 3 одделение ќе започнат со настава, а останатите ќе имаат настава од дистанца, и во тој правец течат и подготовките.
Стојне Митева
