Почина писателот и хроничар Данило Коцевски
По кратко боледување почина писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски...

По кратко боледување почина писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски. Роден е 1947 година во Куманово. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. На Интердисциплинарните студии по новинарство на скопскиот универзитет ги држел вежбите по теорија и практика.
Тој е еден од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература во почетокот на 80-тите години. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1973 година, а со група еминентни македонски писатели го основал и Здружението на независни писатели.
Во 1967 година се вработува во редакцијата на весникот „Млад борец“, а подоцна преминува и во културната редакција на тогашната Радиотелевизија Скопје. Има објавено 30-тина дела од најразлични жанрови.
Освен книги, пишува и драми од кои неколку се наградени. Познат е како хроничар на Град Скопје.
Данило Коцевски е погребан на градските гробишта Бутел.
