Кокино

Локалитетот признат од НАСА сѐ уште чека уредување

15.09.2020 16:48

Мегалитската опсерваторија Кокино која се наоѓа во општина Старо Нагоричане, на неколку километри од Куманово, се уште чека поголема институционална поддршка. Локалитетот кој во 2005 година беше признаен од НАСА, во рамки на проектот „Македонски бренд“, требаше да добие музеј, сувенирница, но и да се уреди патот. Кумановскиот музеј со поддршка на различни проекти изминативе години, согласно можностите, работеше на уредување, но и промоција на оваа природна реткост. Од неодамна е овозможена и виртуелна посета.

Во општина Старо Нагоричане, на само 35 километри од Куманово е сместена мегалитската опсерваторија Кокино, стара 3.800 години. Локалитетот случајно беше откриен во 2001 година од македонски и бугарски археолози. Во 2005 година американската вселенска агенција, НАСА, го рангираше како четврта, најстара античка опсерваторија во светот. Оваа природната реткост граѓаните од неодамна имаат можност да ја посетат и виртуелно. Имено, кумановскиот музеј во време на пандемија кога се забранети масовни посети на културни установи, во рамки на проект на Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија „Туризам кој придонесува за културното наследство во прекуграничниот регион Македонија –Бугарија“ го промовира овој локалитет, но и постојаната музејска поставка.

Мислам дека  се многу корисни за граѓаните, веќе наидовме на огромен број на позитивни коментари. Не знам дали во Македонија постојат уште некои објекти од културно историско значење кои што се снимени на ваков начин и се достапни за граѓаните, меѓутоа многу е корисно што линковите за виртуелни посети на Кокино и Музеј Куманово се веќе ставени на интернет и странците пред да дојдат кај нас да бидат подготвени да знаат што гледаат-истакна Дејан Ѓорѓиевски, кустос-археолог во НУ Музеј- Куманово.

Од кумановскиот музеј сметаат дека ваквите проекти може да дадат огромен придонес во дигитализацијата на културното наследство.

Во Македонија скоро и да нема започнато со дигитализација иако има стратегија, проекти и центар кој што работи за такво нешто, меѓутоа сосема малку е направено реално“- нагласи Ѓорѓиевски.

Археолошките истражувања на Кокино завршија во 2015-та година, но изминативе години со различни проекти, повеќето поддршка од странските амбасади, се направи делумно уредување на локалитетот. Беа поставени патокази, информативни табли, но и веб страница. Но, Кокино се уште ја чека институционалната помош. На овој локалитет во рамки на проектот Кокино македонски бренд, требаше да се изгради музеј, сувенирница, но и да се направи патот.

 

Елена Георгиевска