Во Вашингтон потпишан договор за нормализирање на односите меѓу Израел, ОАЕ и Бахреин

16.09.2020 10:17

Палестинците со осуда за ОАЕ и Бахреин поради поддршката за Израел...

„Историски договор за раѓање на нов Блиски Исток, пакт кој ќе го менува правецот на историјата“ , изјави американскиот претседател Доналд Трамп по потпишувањето на спогодбите за нормализација на односите меѓу Израел, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

Одлуката на двете заливски земји предизвика револт кај Палестинците кои се противат на договорот со Израел. Арапските држави долго време инститираа на праведно решение за проблемите на палестинските бегалци со договор кој би довел до формирање на независна држава.

За возврат, Израел би ги средил односите со овие земји. Палестинскиот претседател Махмуд Абас предупреди– нема мир на Блискиот Исток без прекин на окупацијата. Израелските Арапи со осуда за исходот од средбата во Белата куќа. Протести во Газа.

„Ова е ден на понижување и навреда за владетелите на Бахреин и Емиратите кои ги нормализираат односите со зионистите окупатори. Овој ден ќе остане црн датум во животите на емирите и лидерите кои спроведоа предавничка нормализација со окупаторот и ја напуштија каузата и поддршката за Палестина“, изјави Исмаил Радван, претставник на Хамас.

Во Ерусалим поделени мислењата и реакциите на најавата за ново поглавје во регионот.

„Ми се допаѓаат знамињава. Преубави се. Симболизираат мир.“

„Ништо, ова не значи ништо. Првин мир со Палестинците.“

Трамп тврди дека постојат уште 6-7 земји во регионот коишто се заинтересирани за потпишување на договорот.