Османи на средба со грчкиот колега Дендијас

16.09.2020 11:08

Според предвидената агенда, ќе бидат отворени бројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите околу политичката динамика во регионот...

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес ќе ја има својата прва официјална средба како предводник на надворешната политика на земјава, со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, соопштуваат од МНР.

Според предвидената агенда, ќе бидат отворени бројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите околу политичката динамика во регионот. Османи на средбата ќе ја отвори темата и за претстојните заклучоци во рамките на телата на Европската унија, за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција за време на Германското претседателство, како формален старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Посебен фокусна средбата на двајцата министри ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства кои претстојат во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во различни области, согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји.

На средбата се очекува посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи,како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемијата со ковид- 19.