Конференција на „Економист“ во Атина

Заев: Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и заедно ќе ги надминеме

16.09.2020 11:19

Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност- истакна премиерот Заев на конференцијата на угледниот магазин „Економист“ која денеска се одржува во Атина...

„Заедно се соочуваме со истите здравствени и економски предизвици, и само заедно можеме да ги надминеме, со поблиска соработка и со поголема солидарност. Затоа треба да продолжиме да инвестираме во добрососедски односи, да ги надминуваме отворените прашања со дијалог и толеранција и да ја подобруваме регионалната соработка“, истакна премиерот Заев на панелот посветен на иднината на Западен Балкан на конференцијата на угледниот магазин „Економист“ која денеска се одржува во Атина, соопштуваат од владината прес-служба.

„Најдобрата иднина за регионот на Западен Балкан е да се продолжи со евроатлантските интеграции, и ниту една друга опција не е алтернатива“, додаде премиерот Заев и потсети дека Договорот од Преспа е одличен пример за успехот на дипломатијата и дијалогот.

„Резултатот од последните парламентарни избори во Северна Македонија покажува дека граѓаните знаат и да ги наградат политичарите кои донесуваат тешки одлуки кои се добри и од огромно значење за иднината на земјата и граѓаните. Потребна е силна политичка волја за да се решаваат сите деликатни прашања и тоа е охрабрувачка порака за Западен Балкан. Се надевам дека нашите постигнувања, договорите со Грција и Бугарија, се доволно инспиративни за лидерите во регионот да се посветат на негување на мирот и стабилноста, да ја зајакнеме регионалната соработка, да постигнеме поголем економски развој и да останеме до крај посветени на евроатланските интеграции“, потенцираше Заев.

На конференцијата на „Економист“ во Атина учествуваат и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, заменик-претседателот задолжен за европски прашања Никола Димитров, и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Заев нагласил дека за него е од особено значење што неговото прво службено патување надвор од земјата во вториот мандат како претседател на Владата на Северна Македонија е работната посета на Република Грција, која освен учеството на конференцијата на „Економист“, вклучува и средби со премиерот Кирјакос Мицотакис и претседателката Катерина Сакеларопулу.