Охридската Планинска спасителна служба со полни раце работа

16.09.2020 13:54

И покрај пандемијата, охридската Планинска спасителна служба со полни раце работа. Од таму апел до љубителите на природата и планините, да ги почитуваат основните правила за движење на планински терен...

Рекорден број интервенции на Планинската спасителна служба во Охрид. Пандемијата, која е причина за зголемено присуство на граѓаните во чистата планинска природа го зголеми бројот на несреќи и интервенции од страна на спасителите.

Во последниот случај, пред неколку денови успешно беше пронајден маж кој се изгубил на планина во струшко. Лицето само се движело, било изгуебно, дехидрирано, со 5 проценти батерија на мобилниот телефон. Среќа е што бил пронајден преку системот за лоцирање и бил брзо евакуиран.

„Годинава заради пандемијата очекувавме намален број на интервенции, но се случи спротивното. Се случи поголема активност на домашните туристи и посети на планините и на отворен простор, а со тоа се зголеми и бројот на несреќи“, вели Антонио Додевски, раководител на Планинската спасителна служба.

Изгубени, дезориентирани, паднати и повредени во провалија, се најчестите интервенции на планинската служба. Од таму апелираат посетителита да бидат повнимателни.

„Луѓето да ги почитуваат основните начела за безбедност, движење во групи најмалку по две лица, носење мобилни телефони со полни батерии, соодветна опрема за условите кои владеат, доволни количини храна и посебно течности во летниот период “, додава Додевски.

Од почетокот на годинава Планинската спасителна служба имала осум успешни интервенции во планините во Југозападниот регион во земјава. Тимот за спасување на планина во изминативе 18 години направил стотици успешни нтервенции.

Соња Рилковска