Бесими: Побрзо враќање до солиден економски раст, можна корекција на проекциите

16.09.2020 14:21

Подготвени сме за најголемата финансиска криза за оваа генерација, вели министерот за финансии Бесими. Првиот финансиер најави враќање на економијата на раст од 4 насто и повисока просечна плата за 20 до 30 проценти. Силите ќе бидат насочени кон намалување на ударот од корона кризата …

Состојбата во економијата е сериозна поради кризата со Ковид-19 и можна е корекција на првичните проекции за растот на економијата за годинава, најави министерот за финансии, Фатмир Бесими. Целта е враќање на патеката на солиден економски раст од 4 до 5% годишно, но реално имаме пад на економската активност за 6,4% во првото полугодие, појасни Бесими најавувајќи четврти економски пакет за поддршка на економијата и населението на кој интензивно се работи.

„Со новиот пакет ќе утврдиме колку ќе чини тоа во однос на буџетот за да најдеме доволно средства за финансирање на тој пакет. Прво ќе гледаме во постојниот буџет каде има можност за репрограмирање, каде знаеме дека до крај на годината реално нема да се реализираат тие средства. Тука ќе имаме репрограмирање,доколку тоа не стигне за реализација на целиот пакет во буџетот во рамките на досегашното планирање има простор за дополнителни 60 милиони евра на домашниот пазар како што е предвидено“, нагласи министерот Бесими.

Приливот на приходите во буџетот во август е помал од јули, а во однос на истиот месец лани е намален за дури 13,9%. Реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 41% и средствата што нема да бидат потрошени за предвидените цели ќе бидат пренасочени за други намени,појасни Бесими.

„До крајот на месецот ќе има подготвени предлог мерки од новиот пакет и првични проекции за буџетските импликации и доколку Владата реши дека има потреба од ребаланс се ќе се знае до крајот на септември“, најави министерот за Финансии Фатмир Бесими.

Досега буџетските приходи се реализирани со 65,5%,а расходите со 68,9. Јавниот долг според ресорниот министер до крајот на годината нема да надмине 60% од БДП.

Свето Николовски