„Меѓаши“: Владата да ја преиспита одлуката
Невладини апелираат владата да ја преиспита, опозицијата бара да ја повлече одлуката за враќање на родителите на деца до 10 години на своите работни места. Граѓаните со поделено мислење, за утре најавен протест на оние на кои им се прекинува продолженото породилно отсуство...

Владата да ја преиспита одлуката за враќање на работа на родителите на деца до 10 годишна возраст и на мајките на кои им беше продолжено породилното отсуство – побара детската амбасада „Меѓаши“. Оттаму велат дека во услови кога сѐ уште е нејасно како ќе продолжи образовниот процес, а бројките на заболени не опаѓаат, владината одлука е неконзистентна со претходните.
Краток е периодот за родителите да се организираат, велат од „Меѓаши“, бидејќи на децата им е неопходно присуство на еден родител во случај на онлајн настава или доколку наставата ја следат со физичко присуство.
„Со оглед на најавеното скратено времетраење на часовите децата ќе поминуваат значително помалку време на училиште и поради работниот ангажман на своите родители може да се најдат во ситуација сами да поминуваат повеќе саати во своите домови, се до враќањето на нивните родители. Неизвесно е дали сите деца чии родители се работно ангажирани ќе можат да бидат навремено примени во градинка“, изјави Ана Битољану- детска амбасада „Меѓаши“.
Граѓаните со поделени ставови. Владата да ја повлече одлуката за враќање на родителите на работа, сѐ додека не обезбеди соодветни услови во градинките и во училиштата, повикаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа одлука беше донесена на владина седница откако шест месеци родителите имаа можност да ја користат мерката и да земаат цела плата.
Среда, 23-ти септември родителите на деца до 10 годишна возраст се враќаат на работните места. Оваа одлука важи и за родилките на кои породилното им беше продолжено поради епидемијата со коронавирусот.
Родителите на деца од предучилишна за в четврток најавија протест пред Владата против одлуката за враќање на работа. Министерката Шахпаска, пак, рече дека е беспредметно родителите да останат дома, кога градинките веќе отворени.
Андријана Атанасовска
