Куманово: Настава со физичко присуство бараат приградските училишта

16.09.2020 16:16

Училиштата од централното подрачје во Куманово се одлучиле за онлајн настава или комбиниран модел, но речиси сите училишта од приградските и руралните средини бараат настава со физичко присуство, покажуваат податоците на Секторот за образование. Куманово е еден од најпогодените градови од пандемијата Ковид 19 и според последните податоци од почетокот на ширењето на коронавирусот евидентирани се над 1.600 лица.

Настава со физичко присуство, онлајн но и комбинирана бараат кумановските училишта. Додека установите во централното подрачје се за онлајн настава, оние во приградските и руралните средини, вкупно 21 училиште се одлучиле за физичко присуство, покажуваат податоците на Секторот за образование при Општина Куманово. Во училиштата кои што бараат онлајн настава бројката на ученици се движи од 1.000 до 1.300.

„Во моментов општината се обидува да помогне на одредени училишта во набавка на технички средства, средства за дезинфекција, за да може да отпочне непречено образовниот процес. Веќе работиме на инсталација на интернет во сите училишта, инсталација на оптички кабли нова мрежа за да може да се овозможи подобар проток на интернетот“ - истакна Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово.

Согласно планот, наставникот ќе биде задолжен онлајн часовите да ги држи од установата, а во училницата ќе може да присуствуваат учениците кои што немаат ИТ уред или интернет. Од основното училиште „Крсте Мисирков“ информираат дека 80 проценти од родителите барале настава со физичко присуство меѓутоа тоа не е согласно протоколите, бидејќи работат во една смена.

„За прво до трето одделение согласно планот за работа за оваа учебна година предвиден од министерството ќе организираме настава со физичко присуство. Имаме од прво до трето околу 45 родители кои бараат нивните деца со изјава да бидат префрлени на онлајн настава за нив ќе организираме онлајн настава“, вели директорот Александар Јовановиќ.

Од петте средни училишта техничкото Наце Буѓони и економското Перо Наков побарале само прва година да следи настава со физичко присуство а останатите онлајн. Земјоделското Киро Бурназ се одлучило за физичко присуство, додека гимназијата Сами Фрашери за онлајн настава, додека гимназијата Гоце Делчев за комбиниран модел.

Околу 10.000 основци и 5.000 средношколци во Куманово се образоваат во 16-те основни и пет средни училишта. Градот беше еден од најпогодените од  од пандемијата со коронавирусот. Бројката на заболени се искачи над 1600 а во моментов се активни околу 200 случаи.

Елена Георгиевска