Посета

Заев на средби со државниот врв на Грција

16.09.2020 16:27

„Договорот од Преспа го реши тридецениското отворено прашање, но создаде и сојуз и партернство меѓу двете земји“ - премиерот Заев во Атина на средба со колегата Мицотакис и со грчката претседателка Сакеларопулу. Очекува поддршка од соседите на нашиот интеграцискиот пат и унапредување на односите...

Евроинтеграцијата, билатералните односи, спроведувањето на Преспанскиот договор и економската соработка, на маса на средбата на премиерите Заев и Мицотакис во Атина. Двајцата премиери разговараа за идната соработка и спроведувањето на одредбите од акциониот план од Преспанскиот договор, меѓу кои приоритет има работата на заедничките комитети на експерти за историските, образовните и археолошките прашања, како и комитетот за бизнис дијалог за изнаоѓање решенија за заштитените марки и брендови.

На средбата се разговарало за создавање услови за поголема економска соработка и потпишување на договор за интерконекција за природен гас меѓу двете земји. Заев и Мицотакис се согласиле дека солидарноста и соработката на ЕУ со Западниот Балкан е важна при справувањето со пандемијата со Ковид 19.

Прва средба на македонски премиер со грчки претседател по Преспанскиот договор. Заев се сретна со грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, пришто било оценето дека договорот создаде сојуз и партнерство. Премиерот Заев изразил увереност дека Грција ќе биде еден од главните лобисти за првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство, со која ќе стартуваат преговорите за членство во ЕУ.

Заев и Сакеларопулу разговарале и за потенцијалите за проширување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, која треба да биде поттикната и од вториот состанок на советот за соработка на ниво на влади во Атина.

Заев говореше и на панелот посветен на Западниот Балкан во рамки на конференцијата на „Економист“, на која истакна дека најдобра иднина на регионот се евроатланските интеграции.

Во Атина, средби имаа и вицепремиерите за европски и економски прашања, Димитров и Битиќи и министерот за надворешни работи, Османи.

 

Ирина Гелевска