Обвинителството испитува три фирми кои во предизборниот период наменски отвориле портали

16.09.2020 16:38

На домашната политичка сцена, се проверува како политички партии се рекламирале во предизборниот период. Надлежен јавен обвинител отвори предмет. Постои сомнеж дека се плаќало за реклами во интернет-портали, кои биле наменски отворени пред избори. Немале импресум, адреса на седиште, ниту објавиле ценовник за рекламирање...

Обвинителството и полицијата испитуваат три фирми кои основале седум портали на кои се рекламирала опозициската ВМРО – ДПМНЕ за време на парламентарните избори. Порталите немале уреден Импресум, а партијата на една од компаниите префрлила 20.000 евра која потоа кампањата ја насочила кон седум портали во нејзина сопственост, информираат од Обвинителството.

Според Изборниот законик, максималната сума која партија може да потроши за рекламирање на портали во изборна кампања е 15.000 евра. Обвинителството постапува откако за трансферот на пари добила известување од полицискиот сектор за сузбивање на организиран и сериозен криминал.

Вистината е дека сето рекламирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ е транспарентно и законски, коментира портпаролот Стоилковски посочувајќи дека обвинителката Рускоска селективно постапува по предметите.

Според ВМРО – ДПМНЕ очигледна е паниката кај власта по одржаните протести на партијата против, како што велат владеењето и трговијата со сѐ што е свето за граѓаните од страна на власта, па политичкото обвинителство организира напад врз медиуми, што го продаваат како некаква борба и справување со корупцијата.

Миле Ристески