Трамп: Шумите несоодветно се одржуваат

16.09.2020 17:00

Претседателот Трамп ги обвини сојузните власти за несоодветно одржување на шумите, отфрлајќи ги климатските промени и глобалното затоплување како причинители за сѐ почстите огнени стихии...

Пожарите го ставија глобалното затоплување во фокусот на американската јавност неколку недели пред претседателските избори.  Претседателот Трамп ги обвини сојузните власти за несоодветно одржување на шумите, отфрлајќи ги климатските промени и глобалното затоплување како причинители за сѐ почстите огнени стихии.

„Кога дрвјата паѓаат по краток временски период стануваат многу суви. Стануваат како кибрит и може едноставно да експлодираат. Исто така имате и суви лисја на земја, а тоа е гориво за пожар. Значи, мора да се направи нешто во врска со тоа“, изјави Трамп.

Сенаторот Чак Шумер, пак, вели дека претседателот Трамп ја игнорира реалноста.

„Претседателот Трамп сугерираше дека планетата ќе почне да се лади, само гледајте. Тој е претседател на Соединетите држави. И неговите зборови создаваат реална опасност за луѓето. Тоа што го прави претседателот е вознемирувачко. Не е ново. Неговиот мотив е да ја игнорира реалноста и да помисли дека ќе исчезне“, вели Шумер.

Чадот од пожарите на американскиот западен брег стигна до Европа. Огнените јазици се и до сто пати поинтензивни од просекот во последните години. Поради силните атмосферски системи, чадот од пожарите со денови беше заробен над западниот дел на Северна Америка, предизвикувајќи потенцијално опасен квалитет на воздухот во градовите Портланд, Сан Франциско и Ванкувер. Досега загинаа 35 луѓе, а се стравува дека ќе има уште жртви.

 

Марина Ристова